
Барселона е главен град на автономниот регион Каталонија и административен центар на провинцијата Барселона, со население од 1.605.602 жители. Вториот по големина град во Шпанија бил домаќин на многу меѓународни настани, вклучувајќи ги Меѓународните изложби во 1888 и 1929 година, како и XXV Летни олимписки игри во 1992 година. Според една легенда, градот бил основан од картагинскиот генерал Хамилкар Барка, а според друга – од Херкул. Еден од неговите бродови, Барка Нона (деветтиот брод), доживеал бродолом во близина на денешниот рид Монжуик. На тоа место бил основан градот со името Барселона.
Барселона е позната по својата модерна архитектура од времето на Антони Гауди, сè уште недовршената базилика Саграда Фамилија, Готскиот кварт, фудбалскиот клуб со истото име, плажите и активниот ноќен живот.